Contact

      

Замислете да растете без некој што ќе ви посвети љубов, грижа и заштита. Кога грижата на семејството ја нема, на детето му препукнува срцето, а и му штети на растот и на развојот. Големата институција, како што е домот за деца без родителска грижа, без оглед на тоа колку е опремена и има добар персонал, никогаш не може да ги замени љубовта и поддршката на семејната средина. „Дома“ не е само место за живеење. За децата да се биде „дома“ обично значи да се живее со семејство, во средина во која се негува чувството на припадност и на идентитет, место каде што тие се чувствуваат сакани, згрижени, поддржани, заштитени и сигурни.

Што е лице што згрижува?

Лицата што згрижуваат обезбедуваат грижа во безбедна и поттикнувачка семејна средина за дете за кое не може да се грижи неговото биолошко семејство. За разлика од лицата што посвојуваат дете, лицата што згрижуваат обезбедуваат привремено згрижување на детето сè додека не се создадат услови за негово враќање во биолошкото семејство или негово посвојување.

Зошто се потребни лица што згрижуваат?

Семејствата што згрижуваат дете обезбедуваат најдобра алтернативна грижа во случаи кога не е можно, не е безбедно или не е во најдобар интерес на детето да живее со своето биолошко семејство. Детето само во семејна средина може да чувствува љубов, поддршка и припадност. Во моментов, многу деца сè уште се згрижени во големи институции чекајќи семејство. Семејствата што згрижуваат дете се потребни за да обезбедат привремена грижа и поддршка

На кои деца им треба семејство што ќе ги згрижи?

• На бебиња од 0 до 3 години, кои чекаат да се разреши нивниот статус. • Деца што ги загубиле родителите поради смрт или чиешто семејство не може да се грижи за нив поради болест или од друга причина. • Деца одделени од семејството поради малтретирање или злоупотреба.

Можам ли јас да згрижам дете?

Тоа што е навистина важно за да згрижите дете е вашата способност да обезбедите семејна средина исполнета со љубов, сигурност и со блискост. Кога ќе се пријавите, ќе бидат земени предвид и други нешта, како на пример, вашата способност да му излезете в пресрет на детето, условите во домот во кој живеете и приходот, здравствениот и правен статус, како и способноста да вложите време и енергија во благосостојбата на детето. Може да згрижите дете на краток рок за да обезбедите итно згрижување, или пак да се грижите на подолг рок, при што центрите за социјална работа ќе ви помогнат да ја утврдите најдобрата опција за вас.

Каква поддршка добиваат лицата што згрижуваат дете?

Семејствата што згрижуваат дете се грижат за деца што се под старателство на државата. Покрај тоа што прифаќаат дете во својот дом, тие обезбедуваат услуга и за тоа добиваат паричен надомест за трошоците и за грижата за детето. Тие добиваат поддршка и обука од центрите за социјална работа на другите лица што згрижуваат дете.

Како да згрижам дете?

Ако имате љубов за давање, посетете го вашиот Центар за социјална работа. Вработените во Центарот ќе ви помогнат со апликацијата. За повеќе информации можете да се јавите на 15 133 или да ги испратите вашите податоци во контакт формата подолу.